Јавното обвинителство повторно потфрли

ЈАВНОТО ОБВИНИТЕЛСТВО ПОВТОРНО ПОТФРЛИ НА ТЕСТОТ ЗА СПРОВЕДУВАЊЕ ЕФИКАСНА И ТЕМЕЛНА ИСТРАГА  – СЛУЧАЈ МАРТИН НЕШКОВСКИ!

Поминаа четири месеци во исчекување на резултатите од истрагата за смртта на младиот Мартин, во кои државата имаше можност да ја поправи својата грешка од обидот за прикривање на случајот.

Но, очигледно укажувањата на пошироката и експертската јавност за темелна и ефикасна истрага не допреле до jавното обвинителство, кое го подигна обвинителниот акт само против осомничениот полициски специјалец, изоставајќи ги сите други евентуални негови помагачи или соучесници.

Иако се очекуваше дека истрагата ќе оди брзо и лесно имајќи го во предвид големиот број на сведоци-очевидци кои ги споделија своите сознанија и со јавноста, отвореноста и спремноста на јавноста да соработува во случајот, постоењето на безбедносни камери во близина и на крајот на краиштата присуството на голем број на службени лица од МВР на местото на настанот, сепак jавното обвинителство не успеа да се издигне над своите блиски релации со МВР и да ни докаже дека сите еднакво одговараат според законите, па макар тоа се и полициски службеници.

Република Македонија има обврска за спроведување на ефикасна, непристрасна и темелна истрага ослободена од било какви политички или други влијанија, особено во случаи на полициска бруталност како согласно домашните така и според меѓународните документи кои сме ги прифатиле како составен дел од нашиот правен поредок. За жал, државата во неколку наврати има потфрлено при овој предизвик поради што е предмет на критика на Комитетот против тортура кој укажува дека за полициските пречекорувања треба да одговараат не само конкретните сторители, туку и сите оние кои знаеле дека се случило такво нешто, но не го спречиле или пријавиле. За недостигот на темелна истрага и обид за прикривање на случаите на полициска бруталност има забелешки и во Извештаите на Европската Комисија како и во пресудите против Македонија на Европскиот суд за човекови права во Стразбур. 

Сепак и порај континуираните забелешки на меѓународните фактори и обврските кои произлегуваат од пресудите на Судот во Стразбур, државата не изрази спремност да ја промени својата практика на прикривање на појави на полициска бруталност, за што сведочат и случаите „Бродец", како и последниот со Мартин Нешковски.

Хелсиншкиот комитет со загриженост заклучува дека во Македонија сe уште не постои волја и спремност на надлежните органи да спроведат компетентентна, независна и непристрасна истрага изолирана од политички и други влијанија. Комитетот апелира до јавното обвинителство да изготви јасни процедури за водење на истраги при полициска бруталност согласно стандардите востановени во меѓународните инструменти[6] и да се придржува до истите, како би можеле да докажеме дека навистина во нашата држава сите се исти пред законот.

0 comments: (+add yours?)

Post a Comment