Една година протести против полициска бруталност

06.06.2011 
40 минути по полноќ. Едно безживотно момче лежи на клупата и пробуваат да го освестат. Многубројната публика околу стои вџашена и згрозена од она што предмалку се одиграло. Момчето не ги отвара очите повеќе. Се собираат, го извлекуваат на тревникот кај МЕПСО, го покриваат со ќеси. Го оставаат таму. Оној со крв на рацете се враќа на својата работна позиција, во развеселената толпа кој слави и продолжува со животот како ништо да не се случило.

Звучи како сцена од некој добро режиран филм, но е само еден фрагмент од нашата реалност. Оваа кратка трагична приказна ја прави уште пострашна тоа што мојот врсник го загубил својот живот поради кратко поматување на здравото расудување како последица на алкохол, од рацете на трениран полициски службеник.


Неколку часа по оваа случка, доцна попладне, оние кои не можеа да си дозволат да живеат со тоа што го виделе и да молчат засекогаш, договорија средба со медиумите. Во меѓувреме во весниците излезе вест дека на момче починало на тревникот кај МЕПСО од тоа што му се слошило. Билтенот ја премолчува оваа случка. Муабетот се шири а луѓето се собираат кај фонтана како поддршка на сведоците. Протестите почнуваат.

Од протестите кои траеја повеќе од месец, и чија посетеност беше голема, единствената реална победа беше обелоденувањето на овој случај. Од страна на властите кои носеа директна одговорност од многу страни за овој случај, единствено што добија оние кои бараа превенција на ваквите случаи беше дискредитирањето, смислената кампања за спинување и дефокусирање на јавноста за да не се солидаризира, игнорирање и целосно отфрлање на легитимното граѓанско право да се бара.

Кампањата која ја водеа вроди со плод: ширењето на муабетите за минатото на момчето и неговите наводни проблеми успеа да неметне некоја слика кај оние кои едвај чекаат да најдат изговор за својата пасивност дека можеби и си ја заслужил таа судбина, дека тие никогаш не би се нашле во таква ситуација на милост и немилост; добро познатата тактика кон која прибегнуваат сите владејачки партии во светот кога некоја граѓанска иницијатива не им се допаѓа (припишување на истата на опозицијата) направи сомнеж и успеа да убеди многу од луѓето кои уште беа под импресии од изборите; игнорирањето и исклучувањето на известувањето за протестите кои беа секојдневни од масовните медиуми како Сител, ја намали видливоста на истите и работеше кон тоа луѓето едноставно да заборават и да се оладат.

Што всушност бараа тие луѓе, и зошто тоа што ова прашање стои неодговорено е толку важно за нас?

Секој граѓанин барем еднаш во животот бил сведок на полициска бруталност, или пак слушнал некоја таква приказна од некој близок. Полициската бруталност има одредена традиција во Македонија наследена од рестриктивноста и поимањето на полицијата од минатиот систем. Неретко, оваа полициска бруталност и нехумано постапување остава жртви. Мартин не е единствената жртва, многу му претходат а сигурна сум дека ако не се преземе ништо, низата нема да се прекине.

Барањата кои ги срочија луѓето кои протестираа се базираа на превенција на ваквите случаи, со тоа што би се вовел некој поефикасен систем од тоа МВР да се контролира самотот себе што остава многу простор за корупција.
Дали сериозно постои човек на кој ова не би му одговарало и кој не би застанал позади ваква иницијатива? И каква е таа власт која не сака ни да покаже напори да ги разгледа реформите за кои голема група на граѓани вели дека се итно потребни?

Огледало за нас како општество е како ги третираме најслабите меѓу нас, а ако дозволуваме да бидат малтретирани они кои автоматски ја добиваат таа улога кога ќе им паднат во рацете на оние на кои законот им гарантира апсолутна власт во моментот, што тоа зборува за нас?
Ако дозволуваме секој месец со делче од нашите примања да се спонзорира тоа малтретирање - што зборува тоа за нас?

За крај на 06.06. во 18 часот одбележуваме една година протести против полициска бруталност, и една година од смртта на Мартин која беше клучна за конечно да се фрли светло на ова прашање.
Почивај во мир Мартин, се надевам ќе имаме доволно доблест да спречиме твојата судбина да се повтори.
Тамара Атанасоска - Радио Слободна Европа

0 comments: (+add yours?)

Post a Comment