Не треба веќе да се протестира против полициска бруталност. Не, стварно. Зашто, тој што работи има право и да греши. Зарем е толку страшно што полицаец е осомничен дека убил момче од ќотек? И што други не се осомничени дека се обиделе да го прикријат убиствот? Ни прва таква жртва ни последна, нели? Ви кажувам, кога многу се работи, дневно по три смени наместо по една, стресот е многу голем, и такви работи е нормално да се случуваат. А од каде пак јас знам колку работат полицајците?
Епа еве, утрово рано отидов да залепам по некој плакат низ градов, од плакатите кои повикуваат на протести утре во 10ч пред Споменикот на Мајка Тереза и пред Собранието. Во 6:30 бев на плоштад Македонија и штотуку ги залепив плакатите на јавната огласна табла поставена на излезот од ГТЦ кон споменикот Воин на коњ. Таа огласна табла се состои од две високи бетонски паноа, и на неа има залепено се и сешто, од огласи за приватни часови по компјутери, па до концерти и плакати од минатите избори. Тукушто ги залепив моите плакати, кога еве двајца полицајци во униформа, ме прашуваат што правам и дали имам лична карта да се легитимирам. Се разбира, личната карта си ја носев со себе и љубезно им ја дадов. Ми рекоа дека сум сторил прекршок, односно дека не сум смеел тука да лепам плакати. Откако два пати најучтиво им објаснив дека се работи за јавна огласна табла и дека затоа лепам плакати токму тука, тие ми повторија дека се работи за прекршок кој беше насловен нешто како „повреда на јавната чистота“ и дека казната за тоа е 50 евра, односно ми рекоа дека за да се лепи на тие огласни табли потребна е посебна дозвола од Град Скопје. Потоа ми рекоа дека овој пат ќе поминам со опомена, да си одам и на крај едниот од нив ми рече „и да не те видиме веќе“. Бидејќи бев завршил со лепењето на плакатите кога тие се појавија, си отидов. Не им кажав ништо за тоа „да не те видиме веќе“, иако е јасно дека тоа беше навредливо за мене, бидејќи ако им кажев очигледно ќе имаше проблем во комуникацијата.
Ете тоа сакав да го споделам со вас, а ако лепите плакати денес – памет во глава – или земете си дозвола од Град Скопје или понесете 50 евра – личната карта се подразбира.
преземено од постот на „Во земјата на чудата“, блогот на Данко
0 comments: (+add yours?)
Post a Comment