И би (каков-таков) протест

Кочани, денес на 15.06.2011, во 18 часот, се придружи на протестот против полициската бруталност и за расветлување на смртта на младиот Мартин Нешкоски. Време е за квалитетни промени во организирање на силите за обезбедување на јавниот ред и мир и напуштање на менталниот склоп на прифатливост на насилството. Протестиравме и во интерес на оние кои се плашат да бидат видени на таков протест и во интерес на оние кои жестоко се спротивставуваат на ваквата иницијатива.

Протестот мал по својот обем, но со голема цел. 15-20 луѓе маршираа на релација парк-МВР-плоштад-парк, придружувани од еден полицаец на моторцикл напред и двајца полицајци кои пеш се движеа покрај и зад протестантите. За останатата бројка, која верувам дека значително ја надминуваше нашата, најверојатно оценија дека нема потреба.

Пред станицата нè пречекаа началникот на полицијата, два-тројца вооружени полицајци и два-тројца инспектори вооружени со... фотоапарати и камери. Се надевам дека убаво сум испаднал на снимките. Ако не сум, да го земам плакатот и да поминам уште еднаш.

Впечатливи беа и лицата на луѓето покрај кои поминувавме. Еден мал дел нè следеа со насмевки, а поголем дел со безизразни и сериозни лица. Најголемиот дел најрадо воопшто не би сакале да се најдат во наша близина за да не им припишат дека се дел од протестот.

Замислете, една минијатурна самоорганизирана група чекори среде Кочани и протестира за нешто. Тешко дека такво нешто се случило во скоро време, пред сè во поглед на мотивите за протестот. Протестите во кои главно се движеа ученици губејќи часови и не знаејќи ја целта на протестот, простете, ама не би ги ставил во истата категорија. Да не го мешаме ентузијазмот со јавашлукот.

Сепак, огромна сатисфакција ми се луѓето кои одбраа да го пијат своето кафе во град или останаа дома пред ТВ или пред фејсбук. Убеден сум 102,3% дека со срцето и со умот за цело време биле со нас. Оние, пак, кои сепак случајно прошетаа покрај кејот, ни помогнаа да ги собереме првите 100 потписи во нашата иницијатива.

А да, на крајот срдечно се поздравивме со еден полициски инспектор и двајца полицајци кои беа присутни до нашето растурање околу 20 часот. Тие ни беа поголема поддршка од некои луѓе кои задолжително го гарантираа своето присуство, а потоа имаа поважна работа.

Протестот го продолжуваме и во наредните денови со собирање потписи на кејот на реката, од страната на Центарот за култура „Бели мугри“ (или на платото позади, зависно од временските услови). Време исто, 18 часот. Којзнае, можеби имаме уште поддржувачи...

0 comments: (+add yours?)

Post a Comment