Одговор на „одговорот“

Од како го прочитав „Одговорот“ на поканата за учество на дебатата постојано ми се наметнува прашањето: Има ли граници ароганцијата и дрскоста на министрката Јанкуловска? Таа би сакала нашата покана да ја сфати како „оградување од досегашните протести, невистинитите обвинувања, навреди и клевети…“ Но, дури и така сфатена, нашата покана не ги задоволува нејзините критериуми, па си дозволува да не поучи дека „вистинското оградување би требало да биде во најмала рака во форма на извинување и благодарност до сите „тигри“ и „алфи“ кои се жртвуваа во „Планинска бура“ и слични акции.
Јанкулоска, сосема го игнорира образложението за целта за организирање на дебатата. За неа нема потрба од дебатирање за негативните појави, бидејки во нејзината перцепција такви не постојат. Во незината перцепција постои „демократски изразена волја на граѓаните кои по шести пат својата подршка ја даваат за опцијата за која сметаат дека им нуди подобра иднина“. Во нејзиното резонирање не постојат негативни случувања. Секоја иницијатива што има цел да укаже на такви појави е насочена против „легитимно изразената волја на граѓаните“, секој иницијатор е во служба на Бранко Црвенковски, а секој интелектуалец што ќе се дрзне да учествува во дебатата ќе биде ставен во наводници…
Во перцепцијата на министерката, невладините организации треба да организираат манифестации преку кои ќе ги величат заслугите и успесите на владата, или ќе организираат протести против опозицијата за одбрана на „демократски изразената волја на граѓаните“.
Не, госпоѓо министерке! Ние не се оградуваме од досегашните протести. Нашите протести имаа конкретен повод. Можеби за време на протестите имало и навреди кон „тигрите“ и „алфите“, но игнорантскиот однос и вашата индолентност кон нашите настојувања за поголемо почитување на човековите права и за начинот на изразување на револтот кај младите, потврдува дека вие сте таа што треба да им се извинете, зашто токму со таквиот однос допринесувате да бидат поистоветувани со „џелати“ и „убијци“.
Кога веќе министерката инсистира на извинување, единствено можеме да се извиниме што во поканата и определивме улога на клучен говорник. Од „одговорот“ се гледа дека тешко ќе можеше да се справи со таквата улога.
Сепак, со големо жалење можеме да констатираме дека Јанкулоска повеќе претпочита да гледа филмови, од колку да присуствува на дебати. Очигледно ние не сме во нејзиниот филм!
Но, сите оние кои протестираат нема да заборават, и овие прашања ќе ги поставуваме и понатаму, и ќе ги потсетуваме постојано институциите кои, сега и во иднина, се, и ќе бидат задолжени да ги решаваат ваквите случаи.
На крајот, кога веќе не пропуштате можност секогаш да не прилепите до Б. Црвенковски и неговата партија, јавно ве прашуваме: Чуму таквите прашања и квалификации министерке? Зарем мислите дека вие и Б. Црвенковски сте поразлични во нешто, со сето она што и го правевте и правите на оваа држава? Затоа ве молиме, во иднина, таквите прашања поставувајте му ги нему лично, бидејки очигледно кога толку често го споменувате вие имате почеста меѓусебна комуникација со него одошто било кога нашето движење.

Кирил Ефремовски - oxymoronmacedoniа

0 comments: (+add yours?)

Post a Comment