Протестен марш низ скопските улици и протест на младите пред судската зграда кога судот ќе ја соопштува пресудата за полицискиот специјалец Игор Спасов, одговорен за смртта на Мартин Нешкоски. „Стоп за полициска бруталност“в понеделник излегува надвор уште еднаш да повика на одговорност за претпоставените на Спасов пред досието за смртта на Нешкоски судски да се затвори.
Свесни дека само Спасов ќе остане виновен за насилството на плоштадот, откако Јавното обвинителство ја отфрли кривичната пријава на семејството поднесена против полицајци, инспектор и вработен во МЕПСО, младите сепак ќе испратат порака до надлежните да не ги штитат инволвираните во инцидентот. Правници за АЛФА анализираат дека во решението на Обвинителството со кое не се утврдува одговорност на четворицата пријавени за помагање и непријавување на сторител има правни недоследности.
Нејасно им е зошто обвинителството како аргумент го користи известувањето на Телекабел дека камерите на плоштадот само стримуваат, но не снимаат, кога се знае дека законски, и да снимаат камерите, материјалите не смее да се архивираат подолго од 30 дена. Нејасно е зошто обвинителството барало снимки шест месеци по инцидентот? Иако е утврдено дека настанот е пријавен во полиција, сепак не се знае каква е содржината на пријавата? Еден од сведоците на Крим- техника во судница изјави дека пријавил можен напад.
Оттаму прашањата – дали навистина пријавил? Дали ова стои во полицискиот извештај? И ако стои, зошто МВР тврдеше дека на момчето му се слошило? И на крајот, остана неодговорено дали обвинителството има полициски снимки од прославата на ВМРО ДПМНЕ, затоа што таквите настани со присуство на државници, задолжително се снимаат од полицијата. Дали на таквите снимки ако постојат се крие вистината за смртта на Нешкоски?
Љубиша Арсиќ - Алфа ТВ, видео
0 comments: (+add yours?)
Post a Comment