Не функционирам по нечии директиви (интервју во ФОКУС, 24 јуни 2011)

Петар Стојковиќ е 25 годишен скопјанец, кој е дел од младите што веќе трета недела протестираат револтирани од суровото убиство на Мартин Нешкоски. Тој е дипломиран актер, а од неодамна хонорарно работи во Театарот за деца и младинци во Скопје.

ФОКУС Што Ве мотивираше да бидете дел од луѓето што протестираат?
СТОЈКОВИЌ Понеделникот, 06 јуни 2011-та, бев на проба во театарот од наутро до доцна вечерта. Кога се вратив дома и кога го пуштив телевизорот имаше што да видам. Политички мотивирани апсења и прогони, меѓупартиски плукања, говор на омраза... Но, веќе сум навикнал на политичката (не)култура во Македонија и оваа ситуација воопшто не ме изненади. Човек отрпнува кога сето тоа го претставува неговото секојдневие. Тоа што не ме остави рамнодушен беше веста дека на градскиот плоштад, на кој порано обожував да ги дочекувам утрата со пријателите, седејќи на клупите и гледајќи го изгрејсонцето, насилно згаснал млад човечки живот!
ФОКУС Првичните информации беа контрадикторни...
СТОЈКОВИЌ Прочепкав на интернет за да споредам повеќе извори и информациите беа поразителни: Уште еден случај на полициска бруталност кој овој пат резултирал со смрт на 22-годишно момче. Уште пострашно, официјалната изјава од СВР Скопје (дадена во 16:08 часот) беше спротивна од изјавите на сведоците дадени за некои медиуми што јасно говореше дека станува збор за обид за прикривање на убиството кое го сторило припадник на полицијата. Деталите за убиството се веќе познати на јавноста. Дали би сакал да живеам во земја каде ваквите убиства се третираат како несреќни случаи? Не. Дали би можел да замижам на непрофесионалниот однос на полициските припадници и нивната солидаризација во прикривање на убиства сторени од членови на нивните редови? Не. Дали би можел да се воздржам, а гласно да не извикам: Стоп на полициската бруталност? Не. Дали би можел да одам сам против сите? Не. Како што вели народот, една ластовичка не чини пролет!


ФОКУС И како станавте дел од протестите?
СТОЈКОВИЌ Единствената светла точка таа мрачна ноќ беше информацијата дека младите веќе се организирале преку социјалните мрежи и излегле на улиците на Скопје, за да го кренат својот глас против полициската бруталност и да побараат одговори и одговорност од надлежните институции на системот. Не се двоумев ниту еден миг, дека сега е моментот кога треба да се реагира. Во спротивно, би се чувствувал како соучесник во премолчувањето и прикривањето на убиството на еден млад човек и можеби би оставил простор за моето убиство еден ден, кое ќе заврши со ист епилог како овој, кој планираа институциите да и го наметнат на јавноста. Следниот ден, се јавив на моја колешка и заедно појдовме на протестите.

ПРОТЕСТИТЕ НЕМААТ ЛИДЕР

ФОКУС Дел од медиумите блиски до власта известуваат дека сте дел од сценарио на СДСМ за уривање на власта. Дали Петар Стојковиќ работи на такво сценарио?
СТОЈКОВИЌ После објавените прилози на ТВ Сител и порталот kurir.mk доставив писмени деманти кои овие медиуми не се одважија да ги објават. Дури, телефонски ги контактирав ТВ Сител на 16 јуни и побарав да ме поврзат со информативната редакција непосредно пред Дневникот во 18 часот, со цел да се вклучам во истиот и во живо да ги демантирам дезинформациите кои ги пласираа во јавноста, но, тие одбија да го сторат тоа, бидејќи не им одеше во прилог да им падне приказната во вода. За среќа, други медиуми го проследија демантот и вистината сепак излезе на виделина.
ФОКУС Дали сте човек на Милчин, како што сугерираат овие медиуми?
СТОЈКОВИЌ Уште еднаш најенергично ги демантирам клеветите и лагите кои беа изнесени во некои медиуми за етикетирање, дискредитирање и за нарушување на мојот јавен углед. Негирам било каква политичка поврзаност со проектот Надеж, ФИООМ (СОРОС) и нејзиниот извршен директор, Владимир Милчин. Исто така, неточна е информацијата дека сум присуствувал на било какви обуки во Белград за организација на вакви протести во друга држава.
ФОКУС Беше објавена фотографија, на која сте заедно Вие и Милчин?
СТОЈКОВИЌ Во прилозите, фотографијата која беше објавена од мене во присуство на Владимир Милчин е на час по актерска игра, каде Владимир Милчин им држи предавање на своите студенти по актерска игра на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Притоа, ве потсетувам дека моето име е Петар Стојковиќ, а не Душан Петровиќ – лице кое воопшто не ми е познато, а кое некои медиуми го поистоветуваа со мене. Единствената моја поврзаност со Милчин е по основ на моето студирање на ФДУ на катедрата за драмски актери, каде и дипломирав во 2009 година и нема никаква политичка позадина. Не работам, ниту функционирам во животот по нечии директиви или менторство.
ФОКУС А кој е Душан Петровиќ?
СТОЈКОВИЌ Идентитетот на Душан Петровиќ на групната фотографија со Кирил Ефремовски не одговара со мојот идентитет, односно, не станува збор за мене. Сериозно би им препорачал на некои новинари да си ја проверат диоптријата пред да пристапат кон покажување со прст кон некого.
ФОКУС Дали сте еден од лидерите на протестот?
СТОЈКОВИЌ Во контекст на протестите против полициската бруталност, мојата улога во нив е иста како и онаа на секој рамноправен граѓанин на РМ, кој го користи своето уставно право на протест. Уште еднаш потсетувам дека протестите немаат лидери и водачи и истите се спонтано организирани преку социјалните мрежи како што се Фејсбук и Твитер.
ФОКУС Дали покрај медиумските манипулации доживувате и некакви други видови на притисоци?
СТОЈКОВИЌ После емитуваните прилози имав одредени закани и заплашувања кои веднаш ги пријавив во ОБСЕ и МВР. Минувајќи по скопските улици, секојдневно се соочувам со позитивни и негативни коментари од случајни минувачи. Некои луѓе ни честитаат за ревноста и несебично не поддржуваат во она што се обидуваме да го направиме и каузата за која се бориме. Многу од нив биле или сеуште се дел од протестите, но, има и такви кои допрва планираат да се приклучат кон истите. Негативните искуства, пак, вклуваат пцовки и недолични прозивки, а неретко се среќавам и со повици за мое спалување на клада или јавно бесење. Во секој случај, воопшто не се плашам и понатаму да ја поддржувам оваа граѓанска иницијатива се додека не се истурка правдата до крај и се додека не се преиспита и реформира дејствувањето на МВР и неговите припадници!

КОНТРАПРОТЕСТИТЕ СЕ ПОЛИТИЧКИ ИНСТРУИРАНИ

ФОКУС Кои се луѓето што протестираат пред СДСМ?
СТОЈКОВИЌ Тие луѓе, кои протестираа пред СДСМ, воопшто не ги познавам, а не ги познаваат ниту останатите кои повеќе од две седмици протестираат против полициската бруталност. Ние протестираме против институциите на системот, а не против политичките партии. Мој личен став е дека се работи за изманипулирани и политички инструирани лица од некои центри на моќ. Повеќе од очигледна е нивната заднина и кој стои зад нив.
ФОКУС Таткото на Мартин преку телевизија даде изјава, протестите да запрат, а неговиот брат Александар често пати е на протести со вас. Имате ли поддршка од фамилијата на убиеното момче, со оглед дека таткото и братот на Нешкоски спротивно се однесуваат?
СТОЈКОВИЌ Имам директна комуникација со братот на починатиот Мартин Нешкоски,Александар Нешкоски. Повеќе пати до сега, тој и членовите на неговото потесно семејство присуствувале на протестите и јавно ја изразиле нивната поддршка на оваа граѓанска иницијатива. Изјавата на таткото на Мартин не сум ја чул и навистина не би можел да ја коментирам. Со оглед на видео-записот каде мајката на Мартин Нешкоски кажа дека биле вршени притисоци од страна на партиски членови на ВМРО-ДПМНЕ, кои го посетиле нивниот дом и се обиделе да го убедуваат нејзиниот сопруг да не зборува против државата, т.е. да молчи, доволно говори дека изјавата на таткото на Мартин можеби е изнудена изјава или изјава дадена под притисок!
ФОКУС Што би претставувало успешен епилог на протестите?
СТОЈКОВИЌ Успешен епилог на протестите би било усвојување и реализација на барањата од претставката доставена до повеќе институции. Накратко, целосно расветлување на убиството на Мартин Нешкоски, утврдување на кривична одговорност и санкции, како за сторителот на убиството, така и за сите инволвирани лица кои биле соучесници или се обиделе да го прикријат злочинот. На долгорочен план, имплементација на реформите во полицијата според критериумите и сугестиите предложени во претставката!
ФОКУС Имате ли некоја порака што сакате да ја испратите?
СТОЈКОВИЌ Би сакал да ја искористам оваа прилика да им се заблагодарам на Народниот правобранител на РМ, г-динот Иџет Мемети, и Претседателот на РМ, д-р Ѓорге Иванов, кои ја дадоа својата поддршка на протестите како форма на изразување на критичкиот став на граѓаните и кои ветија нивно активно учество во дискусијата во рамките на нивните ингеренции. Особено ме радува што претседателот на државата, кој, иако доаѓа од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, со неговото отворено писмо демонстрираше непристрасност и одлуката на граѓаните, поттикнати од оваа голема трагедија, да се ангажираат и да ги искажат своите ставови ја препозна како искрена иницијатива и искрена желба да се придонесе за подобрување на демократијата. Со тоа потврди дека претседателот на државата треба и мора да биде претседател на сите граѓани, без разлика чиј кандидат бил на претседателските избори. Се надевам дека идните функционери, кои наскоро ќе седнат во нивните фотељи, ќе го следат примерот на нашиот Претседател и дека ќе имаат неселективен пристап во работењето со граѓаните, без разлика на нивната национална или партиска припадност, вероисповед, сексуална определба...!

земено од фејсбук

0 comments: (+add yours?)

Post a Comment