Реакција на Владимир Петрески

Реакција што пристигна на нашиот e-mail (nieprotestirame@gmail.com). Текстот е пренесен интегрално, без корекции:


По повод прилогот на Шител за делото на Gene Sharp и српскиот „Отпор“




Јас, Владимир Петрески, јавно признавам дека бев лицето кое самостојно, по своја лична иницијатива и совест и без притисоци или убедувања од никого, на една од Фејсбук страниците на протестот предложив до организаторите и пошироко до сите што протестираат, да се прочита книшката на професор Gene Sharp "From Dictatorship to Democracy" и дека постирав линк до неа. Исто така, јавно признавам дека предложив да се контактира српскиот „Отпор“ заради совети. Како и ова писмо, и мојот пост на Фејсбук беше со полно име и презиме (и со моја фотографија).

Но, она што ДБК не му кажала на Шител е дека тоа го направив со јасна назнака (како и што напишав) искуствата и од книшката и од „Отпор“ да се искористат не за рушење на аткуелната власт во земјава, туку за да се научат разни техники на ненасилен отпор заради поголема ефикасност на протестите и за побрзо усвојување на барањата. Не е дека ние во Македонија секој ден практикуваме ненасилен отпор и дека имаме искуство во тоа.

Точно е дека идеите во делото на професор Sharp беа користени во ненасилните протести за рушење на диктаторот Хосни Мубарак во Египет (заради што реномираниот Њујорк Тајмс објави интервју со почитуваниот професор) и точно е дека организацијата „Отпор“ е понекогаш повикувана од ненасилни демонстранти во Европа и пошироко, кога треба да ги споделат нивните искуства. Но, да се мисли дека овие две работи можат да се користат само за менување на режим, а не и за исполнување и на други легитимни демократски барања, значи да се биде глуп како ноќ и да не се сфаќа суштината на демократијата. Но, тоа и не треба да чуди од неписмени глупаци кои англиското име Gene го транскрибираат како „Гене“ наместо Џин.

Се уште сметам дека книгата на професор Sharp нуди серија совети како да се организира и да се практикува ненасилен отпор, а српската организација „Отпор“, пак, се уште сметам дека треба да се консултира заради совети и споделување искуства. Не сум сигурен дали некој од протестите го видел мојот пост и дали навистина ги послушал моите совети. Повеќе сум склон да сметам дека тој се изгубил меѓу стотиците други и дека не бил забележан (освен од ДБК, се разбира).

Не познавам никакво лице Кирил Ефремовски и на протестите сум бил вкупно два-три пати. Имам син од 19 месеци и не можам да присуствувам. Не познавам никого од повидните членови на протестите и ниту припаѓам на помладата генерација - имам 43 години.

И, на крајот, не знаев дека ДБК е толку уплашена и дека сум толку популарен во нивните канцеларии...

Срдечно,

Владимир Петрески

0 comments: (+add yours?)

Post a Comment