Како почна се ова ( Протест против полициска бруталност )


Кога нешто ќе почне сосема искрено, како совест која притиска и не те остава да спиеш, а ќе се прошири до размери кои се простираат до менување на свеста на успаните македонски граѓани, приказната личи неверојатна. Никој во ова време не верува во вистинските човечки вредности, осебено во Македонија, каде сите чекорат со наведната глава. Лесно е на таа приказна, ако вистински не го знаеш почетокот да и залепиш разни придавки, да ја осудиш, од било кои причини кои ти одговараат.
Вечерта на 5ти сите си беа на Баскер Фест. Јас имав работа, седев дома. Зошто работам навечер, бев будна кога се уклучи онлајн еден другар на Фејсбук. Беше видно потресен, рече дека има да каже нешто, раскажа за убиство кое се случило пред неговите очи; како што рече, најмногу го потресло тоа што го гледал младото тело покриено со ќеси како седи само а никој не се грижи за него. Не бил сам. Со него биле околу 10тина мои други познаници. Мојот пријател е еден од главните сведоци во случајов и можеби сте го виделе некаде по телевизии како дава изјави, иако не му се гледа идентитетот, храбро уште од првиот ден. Како што се сеќавам, не го обасјни до детали убиството, само рече дека младиот дечко бил брутално претепан, со ногата во глава, а главата во клупа, од страна на припадник на Алфите. За оние кои не им се верува како препознал, извинете ама сите знаеме како изгледаат нашите специајални единици.
Искрено, малку ми звучеше неверојатно. Иако раскажа дека видел дека детето лежи на тревникот оставено и покриено со ќеси, сепак, си мислев, ќе знаеме повеќе утре. И видете го мојот шок следното утро, кога наместо да знаеме повеќе, дознав помалку. Во Макфакс имаше објавено вест дека не момчето му се слошило. Се исто, само причината за смртта друга. Ме облеа ладна пот. Знаев што се случува. Веднаш му се јавивме на другарот, колку да се консултираме, потврди дека се работи за истото. Мраз. Што да ви кажам друго. Не знаев што да правам. А кога си твитерџија и кога не знаеш што да правиш, твиташ. Ако сте ја погледнале хронологијата на настаните, таму има еден твит од неименуван твитер корисник кој гласи:„Алфите вчера утепаа дечко на плоштад а видете што пишува по весници (линк до текстот во макфакс). тие се вашите чувари, ви ги убиваат децата. “(твит) А што друго да кажам? Не излажав. Набрзо добив многу прашања на твитер, се трудев да им ја објаснам случката на сите. Некои ми веруваа некои не. Твитот е ретвитнат 20тина пати. Се шири веста. Тоа беше во 16:34 часот. Лута и бесна дека сум немоќна, истото го напишав и на тромавиот Фејсбук. Таму никој не ме праша што се случува, но во сандачето добив порака од една од другарките кои биле таму вечерта дека во 17 часот, на фонтана во парк ќе се чека екипа од А1 за да земе изјави од очевидците, исто пријатели. Замоли да одиме таму за поддршка. Јас погрешно сватив дека се збираме таму, можеби како форма на протест, а мојата другарка мислела само да одиме да се видиме со другите очевидци кои се таму. Тоа е, доказ дека некогаш од грешка може да се случи нешто убаво. Затоа што единствено од Твитер заедницата добив заинтересираност и одговор нив ги повикав: „Веќе почнале да се собираат кај фонтана во парк. Ако сте луѓе, дојдете.“ (твит)Твитот е ретвитнат скоро колку и првиот. Излегов.
Моите пријатели со телевизиската екипа се скриле малку повнатре во паркот, за да не ги гледаат луѓето. Застанавме за кратко, да ги почекаме да завршат, но поради должината на интервјуто, решивме да се упатиме кон фонтана. Таму, затоа што задоцнив заради чекањето, веќе затекнав луѓе. Повеќето непознати. Почна да ми ѕвони телефонот, луѓе да се најавуваат дека ќе дојдат. Твитерџии доаѓаа, многу од нив запознав тој прв ден. Отпрвин имаше повеќе новинари од луѓе. Ги исплашија малку очевидците. После почна да се полни, веројатно секој викаше некој, не знам. Одев од човек на човек да разкажувам што се случило. Многукратно. После некое време, кога се собраа скоро 100тина луѓе, кој од кај и да чул, почнавме да се организираме полека. Некој донесе тетратка и почнавме да се потпишуваме. Решивме да одиме на кај Баскер Фест и да им раскажеме на луѓето таму. Некој донесе мегафон. Тргнавме.
Одевме иако не знаевме ни за кого, ни што точно се случило. Чекоревме, грст народ, видете и по сликите, не знаејќи се помеѓу себе тргнавме по улиците да привлечеме внимание. Сакавме само одговор, некој да каже што се случило. Знаевме дека некој е убиен тоа сигурно. Знаевме дека тоа пробува да се скрие. И знаевме дека не може тоа да го дозволиме. Бевме на Баскер Фест, и таму раскажав 100 пати. Се појавија транспаренти. Викавме на цел глас, баравме правда за нашиот „Даниел“ кој мислевме дека е жртва таа вечер. Какво чувство, да чекориш по тие улици, да бараш правда, само заради самата правда, не знам дали можам да ви опишам луѓе. Сами против сите, ние 150.
Седевме до доцна во ноќта, решивме да се растуриме. Кога стигнав дома, го отворив големиот интернет, видов колку негативни коментари има, како велат дека сведоците лажат, како ние сме вакви, такви…е и не ми е срам да си кажам дека си поплакав. Мислев, се пропадна, ама знаев дека не смеам да се откажам. Пишував вечерта на Твитер колку повеќе можам, и заспав, спремајќи се за истото утре.
Следниот ден, што ќе видам! Убиецот сам се пријавил, дечкото е Мартин Нешковски, не марширавме за џабе! Правда! На дело! Сепак, чувство на успех не ме преплави ко по добиена битка. Знаев дека е само ова почетокот. Сепак, ми беше мило што не дозволивме државата да го забошоти убиството, што овозможивме ова дете да почива во мир. Што неговата мајка ќе знае како умрело.
Дојдов на Мајка Тереза следниот ден, и можете ли да замислите што почувствував кога видов 2000 луѓе? Не можете…и возбуда и страв и радост и тага. Голем ден беше тоа. И тежок. Многу тежок.
Останатиот дел од приказната горе доле го знаете. Продолживме мирно и достоинствено да си ги бараме нашите права, пркосејќи на секоја провокација, не дозволувајќи му на никој да ја злоупотреби нашата борба. За битката која сеуште се води можам да пишам 2 пати поголем текст од овој, но тоа во некоја друга прилика. Сега сакав само да опишам како сетоа тоа почна, за да не се заборави, за да не се искомпромитира.
Се гледаме, секој ден во 6!
Тамара Атанасоска

0 comments: (+add yours?)

Post a Comment