Насилството мора да запре

Потребна е итна разрешница на убиството на Мартин Нешковски


Младински образовен форум [МОФ] изразува згрозеност и загриженост од бруталното убиство на 22-годишниот Мартин Нешковски и сочуствува со неговото семејство.  Чинот на брутално насилство врз младите и врз кој било граѓанин е крајно неприфатлив и недозволив.

Повикуваме на детално разрешување на случајот, санкционирање на сторителите и утврдување одговорност кај одговорните од надлежните институции. После задоцнетата реакција и од институциите и од медиумите, неопходно е граѓанската јавност да остане будна, да бара финална разрешница и превентивни мерки кои во иднина ќе спречат убиства на млади луѓе под налетот на полициската бруталност.

Поддржан од многу млади индивидуи кои сочуствуваат со семејството на Мартин. Младите покажаа солидарност која треба да продолжи преку сите демократски форми на граѓански активизам, толерантно, без насилство, достоинствено и граѓански.

Апелираме политичките партии и медиумите  да не дозволат етикетирање на младите и поделба по партиски, идеолошки или кој било друг основ и да создадат услови граѓанскиот активизам да продолжи во одбрана на интегритетот на младината.
Убиството на Мартин е удар врз животот на секој млад човек во Македонија.
Насилството мора да запре!


0 comments: (+add yours?)

Post a Comment