Жал ми е. На почетокот кога почнаа протестиве против полициската бруталност си реков бреееее, сто кила млад прогресивен народ, граѓански иницијативи, демократија на дело… абе воодушевена бев. Воодушевена бев. Но сега чувствувам една горчина во устата и една грутка во грлото што нити можам ниту да ја плукнам, ниту да ја голтнам. И тешко ми е.
Поминаа 2 недели откако Мартин Нешковски беше убиен. Се протестира веќе две недели за да се дознае вистината. Јас лично не протестирам за оставка. Јас протестирам да се дознае дали имаше обид за прикривање на убиството. Оставката би следела како логичен потег ако навистина се докаже дека имало таков обид. Но се уште се надевам дека државата ќе ни докаже дека никој не се обидел да сокрие убиство. Се уште се надевам дека ќе ни бидат одговорени следниве прашања:
- Кој е лекарот што дал наод дека нема физички траги на насилство на телото на Мартин Нешковски
- Кои се луѓето што му помогнале на Игор Спасов да го премести телото и му дозволиле да си замине од местото на злосторот, без притоа да го пријават
- Зошто случајот не е заведен во дневниот билтен на МВР на 06.06.2011
- Како не знаела полицијата за случајов кога полицискиот центар 192 уште вечерта известил дежурен истражен судија за дека има мртво момче чие тело е преместено
- Бил или не бил Спасов на должност кога го убил Мартин (има слики од него во 00.10 часот покрај премиерот, и покрај тврдењата дека имал усна наредба да биде на должност до 24 часот)
И јас си мислев дека поголемиот дел од народот ги мачат истиве прашања. Но не ги мачат. Нажалост повеќе ги интересираат промотивни понуди од Игуана Турс и секојдневно се во неизвеснот што ќе се случи со Цеца и затворот. А оние кои што ги мачат истиве прашања како мене, полека ја губат целата енергија за протестирање од пусто објаснување дека фамозниот Сорос (за кој што сум убедена дека ни 10% од населението знае кој е) нив не ги финансира.
И разбирам дека за една владеачка гарнитура е многу тешко да ти се случи ваков скандал. Дека ќе се обиде на секој начин да се дефокусира вниманието, и тоа ми е јасно. Но да се организираат контрапротести против протестирачите, претставувајќи се како вистинските протестирачи е стварно многу ниско. Жал ми е за Биљана. Се нашминкало девојчето, седотерало за пред камера. Нејзините 5 минути слава. И дале напишан текст да чита, ама од пуста трема девојчето звучи како 7 годишно дете што ја рецитира “Брзај брзај прваче…” Не и беше нејзе прв пат на телевизија, има Биљана веќе искуство, но со неизвежбан текст не се оди пред камера туку така. И откако некако успеа да го прочита текстот, се нацртаа утредента партиски војничиња со сокчиња и сендвичи на Мајка Тереза. Прашани кој е нивниот став во врска со случувањата тие одговорија: “Пааааа, нашиот став е …. да стоиме тука…” И тие нели, целите дотерани, знаеја дека ќе има камери, па нека ги личи на телевизија. На Фејсбук настанот за контрапротестите одржани денес, фрштеа коментари строго поврзани со полово општење со мајките на неистомислениците. За тоа дека младо дете е убиено, збор не стана. Само декларативно во описот на настанот.
Си викам: Кои се тие родители? Кои се тие родители што дозволуваат при вакви валкани партиски игри нивните деца да бидат искористени како војници во први борбени редови кои што секогаш гинат, а нивниот генерал да стои позади нив, на сигурно. Не беа некои од нив ни сигурни како се вика убиеното момче! Кои се тие родители што не успеале да ги научат своите деца простопроширени реченици да сврзуваат? Кои се тие родители што им дозволуваат на своите деца некој друг да мисли за нив? Кои се тие родители што им дозволуваат на своите деца така вулгарно да се изразуваат? Мене со моите 28 години се уште ми е срам вулгарно да се изразам пред моите родители, макар било тоа и кога раскажувам виц. А и на нив пред мене! Кога бев помала не смеев ни да помислам на такво нешто. А кога ќе се обидев да се направам важна и ете да докажам дека и јас сум кул и смеам да пцујам пред моите родители, ќе добиев од време на време една преку уста. Чисто превентивно. За да не ми се случи друг пат. И мене стварно не ми е јасно од каде толку поган јазикот на тие млади деца. Не одат ли во школо? Нема ли таму професори? Психолози? Терапевти? Не гледа ли ова општество дека има тука суштински проблем на неедуцирана младина со хоризонти што стигаат до нивната черга од пред врата. Дека само тоа умеат, да се маваат во гради кога на нивниот митинг ќе дојдат повеќе луѓе отколку на другиот. Многу ми е жал. Многу!
од блогот на Јована Тозија
0 comments: (+add yours?)
Post a Comment