Ова е хронолошка анализа на тоа како случајот се одмота и излезе во јавност.
Понеделник 06.06.2011
Факт: Понеделник, 06.06.2011 година во 00:40 часот Мартин Нешковски е претепан до смрт од страна полициски службеник.
Факт: Смртта на Мартин Нешковски не е заведена во дневниот билтен на МВР од 06.06.2011 (доказ тука)
Факт: Аутопсијата на Мартин Нешковски е завршена во 12.30 часот. Потврдено е присуство на лица од МВР на аутопсијата.
Факт: Околу 16:00 настанот за прв пат се споменува на Макфакс, Нетпрес и на социјалните мрежи. Очевидци трвдат дека дете е претепано на плоштад. 16ч по убиството, првата официјална изјава на МВР вели дека на момчето му се слошило.
Аутопсијата на Мартин Нешковски завршува во 12.30 часот
“Директорот Алексеј Дума потврди дека додека траела обдукцијата, во понеделникот, од 10.30 до 12.30 часот, присутни биле и претставници од МВР. Во 13 часот тие усмено биле известени дека момчето починало од крварење во мозокот, поради удари во главата.” Извор: А1 Телевизија
Портпаролот на МВР Иво Котевски држи прес-конференција ( околу 15.00 часот)
“Таков настан воошто не е пријавен во МВР и доколку имате било какви сознанија и информации ви стоиме на распалогање за да го пријавите настанот.”
Официјална изјава од СВР Скопје (16:08 часот)
“Четириесетина минути по полноќ на плоштадот Македонија, пред МЕПСО, од засега непознати причини починало непознато лице на возраст од 23 до 25 години, потврдија за Макфакс од СВР Скопје . Момчето било донесено од страна на 4 до 5 лица од плоштадот, каде се одржувало Баскер фест, пред МЕПСО, бидејќи според укажувањата на сведоците, му се слошило, велат од СВР Скопје. Викната е Брза помош на лице место и констатирана е смрт. Според СВР Скопје првични траги на насилство нема” (Извор: Макфакс)
Прашање: Ако се правела обдукцијата пред 16 часот на 06.06.2011 и се откриле траги на насилство, зошто уште истиот ден МВР излезе со информација дека на момчето според укажувања на сведоци му се слошило? Кои се тие сведоци?
Понеделник, 06.06.2011 16:34
Твитер корисник - Алфите вчера утепаа дечко на плоштад а видете што пишува по весници . тие се вашите чувари, ви ги убиваат децата. (линк до изјавата тука)
Понеделник, 06.06.2011, 16:56:27 (Извор: Нетпрес)
“Припадник на специјалната единица Алфи синоќа околу 00:40 часот на градскиот плоштад во Скопје, до смрт го претепал 23-годишниот Даниел од населбата Ѓорче Петров. Очевидец кој бил во тој момент присутен на “Баскер фест“, за Нетпрес потврди дека врз момчето бил извршен брутален напад.”
Понеделник, 06.06.2011, 16:56:27
Прашања:
- Кои се тие сведоци што дале лажна изјава?
- Никој од присутните не приметил дека има повреди на телото, вклучително и Брза помош?
- Зошто настанот не е објавен во дневниот билтен на МВР на 06.06.2011 како што е пракса туку на 09.06.2011 во обилк на демант на ТВ прилог?
Понеделник 06.06.2011 19.00 часот
Снимена изјава на очевидец на А1 телевизија во која очевидецот изјавува:
“Гледам само еден дечко као го брка и одеднаш падна дечкото,се сопна, помеѓу клупа тука кај форнети киоскот. Му мавна еден бокс, значи брутално буквално, бокс, нога во глава, го фати за глава и од клупата го лупна, и пак уште еден бокс, и кога го виде дека не мрда го фати одеднаш го крена на клупата го стави, почна да се преправа божем дека вода бара. И зема го попрска, ги викна другите од обезбедувањето, значи дечкото не даваше знаци на живот...”
Вторник 07.06.2011
Весникот Вечер во Вторникот, кој што излегува Понеделник навечер го објави следново:
“Непознато момче на возраст од 23 до 25 години вчеравечер било пронајдено починато на тревникот пред МЕПСО во центарот на Скопје. Очевидци на настанот за полицијата изјавиле дека неколку минути пред полноќ, на плоштадот Македонија, каде што се одржувала културната манифестација "Баскер фест" на непознатото момче му се слошило. Четири-пет лица го извлекле до тревникот пред МЕПСО каде се обиделе да му помогнат. Била повикана Брза помош, но нивното доаѓање било констатирање на смрт кај момчето. Од страна на лекар, првично било констатирано дека на телото на починатото момче немало видливи траги на насилство” (Извор: Вечер, Бр. 14709)
Вторник, 07.06.2011, 11:57
Телевизијата Алфа во 11:57 излегува со прилог во кој што објавува дека кај починатото момче се пронајденитраги на насилство.
- Пронајдени траги од насилство Алфа ТВ вторник, 07 јуни 2011, 11:57
Вторник, 07.06.2011, 16:19:02
“Портпаролот на МВР Иво Котевски изјави дека според наодите од Судска медицина кои МВР ги добило вчера во 16 часот станува збор за насилна смрт на 22-годишното момче од Скопје, по што следува соодветна истрага.” Вторник, 07 Јуни 2011 година, 16:19:02 (Извор: МИА)
А1 Телевизија прави прилог, во кој што ја интервјуира мајката на Мартин Нешковски. Таа потресена од настанот, го изјавува следново:
„Го убија, тие го убија, никој друг, државата и уште да кријам, како да кријам или дојдоа од ВМРО да го убедат маж ми не треба да кажува така, тоа го направија, да го молат да не кажува, да не дава изјави оти државата го уби. Уште ќе работам за државата, цело време одевме, детето дојде со веселба, да каже“
Прашања:
- Кои се тие сведоци кои што изјавиле дека на непознатото момче му се слошило?
- Кој е лекарот што првично констатирал дека на телото на починатото момче нема траги од насилство?
- Доколку нависина имало луѓе што го убедувале маж и да не говори во јавност за случајот, дали МВР ќе спроведе истрага за откривање на тие луѓе?
Среда 08.06.2011
Министерката за внатрешни работи држи прес конференција во која што го изјавува следново
“Значи по однос на неговата ангажираност, лицето со наредба било ангажирано од.. до 24.00 часот. Што значи дека тој на должност бил до 24.00 и за тоа е направена службена белешка” (Извор: Алфа ТВ)
Премиерот на Република Македонија Никола Груевски дава јавна изјава во која што го кажува следново:
“...се работи за лице, кое што е осомничено за убиството, кое во моментот, како што ми пренесе министерката, не било на службена должност. Значи било лице кое работи во МВР, во Тигрите, но во моментот кога било тоа, по распоред не бил на службена должност” (Извор: Канал5 Телевизија)
Телевизијата Сител воведува нов концепт на новинарство наречен хипотетичко новинарство. По бурните реакции од јавноста прилогот со хипотетичкото новинарство е тргнат од интернет. Линкот до избришаната сторија е следниов. Интернет корисници од Македонија прават “скриншотови” од овој прилог.
Прашања:
- Каде е службената белешка како доказ дека лицето било ангажирано до 24.00 часот?
- Зошто припадник на елитната единица Тигри имал наредба да обезбедува настан каков што е прослава по повод победата на парламентарните избори? Дали таков вид на прослави се настани со висок степен на ризик?
- Зошто статијата со хипотетичко новинарство е тргната од веб? Дали Сител телевизија не стои позади она што го објави?
Сабота 11.06.2011
Утрински Весник објавува статија:
“...телевизиските камери и фоторепортерите го снимија Спасов само десет минути по полноќ, во блиското опкружување на раководството на ВМРО-ДПМНЕ. На фотографиите може да се забележи штипјанецот како од десната страна го обезбедува движењето на ВИП-личностите кон скопскиот плоштад” (Извор: Утрински Весник)
За потсетување министерката Јанкулоска на прес конференција изјави дека Спасов имал усна наредба да биде на должност до 24 часот.
Прашања:
- Зошто Спасов обезбедувал по 24.00 часот?
- Доколку била издадена уште една усмена наредба за продолжување на неговата должност таа вечер, кој ја издал таа наредба и до колку саатот е издадена наредбата?
Понеделник 13.06.2011
Алфа телевизија објавува прилог во кој стои следново:
“Дека на скопскиот плоштад е пронајдено младо момче во бесознание и дека на телото има траги на насилство, дежурниот истражен судија бил известен ноќтта по инцидентот од полицискиот центар 192 - тврдат од Основниот суд. За кратко време судијата добил уште еден повик од истиот број -дека момчето починало и дека телото било преместено од местото на убиството - објаснуваат во телефонски разговор за Алфа од Кривичниот суд.” (Извор тука)
Прашање:
Ако дежурниот центар 192 го известил истражниот судија за инцидентот, зошто истиот не е заведен во дневниот билтен и зошто портпаролот на МВР тврдеше дека таков случај воопшто не е пријавен?
преземено од документот
0 comments: (+add yours?)
Post a Comment