Протестите на кои чекориме рамо до рамо, не се ни случајни, ниту можат и смеат да се сведат само на трагичната смрт на Мартин Нешовски. Оваа ужасна смрт на млад човек среде главниот град, е само ПОВОД да го дигнеме гласот за сите слични ситуации пред кои досега сме молчеле. Демократијата не се сведува на избори, туку на она што се случува во меѓувреме. Верувајќи дека зад оваа листа барања кои јавно ви ги упатуваме, стоји огромното мнозинство на граѓани на Република Македонија, без оглед на социјална, етничка, верска и политичка припадност, вклучувајќи ги и оние кои ви дадоа доверба на последните избори, нашата волја ја артикулираме низ следните ставови и конкретни барања: - Целосно расчистување на сите факти околу причините, начинот на кој е убиен Мартин Нешковски, судење не само на стгорителот, туку и на сите негови соучесници кои му помогнале да го прикрие кривичното дело, за да не се „помати“ славеничката атмосфера. Бараме индивидуализација на вината, за да не страдаат и оние лица кои професионално си ја вршат должноста. - Министерката Јанкуловска (која е ионака во заминување) веднаш да си даде оставка, не само затоа што носи политичка одговорност (иако таа тоа не го зџнае или свесно го негира), туку се надеваме дека знае и што е морална одговорност; - Разрешување на сите инволвирани во прикривањето на чинот и дезинформирањето на јавноста, без оглед на нивниот статус и професија (државни службеници, лекари, новинари); - Позициите министер за внатрешни работи и министер за правда не смеат да бидат предмет на партиски пазарења. Јавноста конечно очекува носители со интегритет, знаење и одважност да ги отворат сите болни прашања наталожени во двата ресора, а кои директно се одразуваат на состојбата на човековите права во Републиката; - Целосна департизација во Министерството на внатрешни работи, проверка на досиејата на припадниците на полицијата, отстранување на сите кои имаат сомнителни досиеја, несоодветно образование, поплаки за нивната работа; - Отворање на прашањето за припадници на службите кои страдаат од пост-трауматски синдром од 2001 година, давање соодветна стручна помош, и поставување на соодветни работни места; - Преиспитување на внатрешната систематизација во МВР, особено заради дуплирањето на служби и со неконзистентност во ланецот на командување и отчетност. - Создавање независно тело (надвор од МВР) кое ќе ги испитува поплаките на граѓаните и одговорноста на полициските приопадници. - Највисоките носители на власта се и лично одговорни за составот на службите кои се грижат за нивното лично обезбедување. Животот на функционерите не вреди повеќе од оној на граѓаните, а премиери и минситри опкружени со сомнителни заштитари губат и углед и демократски легитимитет на нардно избраници. - Сите нови членови на Парламентот како своја прва задача треба да ја имаат ревизијата на законодавството од областа на внатрешните работи, кое во подолг период создава клима за арбитрерно и неодговорно однесување на припадниците на полицијата, а особено на припадниците на специјалните единици; - Создавање на парламентарна комисија за надзор и контрола врз работата на безбедносните служби, која конечно ќе почне да си ја врши работата редовно. Првата задача на оваа комисија треба да биде преиспитување на статусот на сите поранешни случаи на пречекорување на сложбената положба и прекумерната сила од страна на припадниците на полицијата; Сакаме да веруваме дека живееме во демократска држава, ама кога демократијата и човековите права се газат од оние кои треба да ни ја гарантираат безбедноста и слободата, подготвени сме сега и во иднина да вршиме активна демократска контрола одоздола – нагоре. Со оглед на политичкиот миг во кој се наоѓаме, и кога се очекува конституирањето на институциите, ова е вистински момент да почнете со реформите. Реформирајте се прво самите себе и оние од вашето непосредно опкружување. Ние ќе останеме будни и очекуваме брзи и недвосмислени акции, очекуваме да го слушнете нашиот глас и кога не е изразен во гласачко ливче, бидејќи вие сте сега власт на сите граѓани на Република Македонија.
ЛИСТА НА БАРАЊА ДО ВЛАСТА
m0del
Subscribe to:
Post Comments (Atom)
0 comments: (+add yours?)
Post a Comment