АЖУРИРАЊАТА НА ОВОЈ ТЕКСТ ЌЕ БИДАТ ДОПОЛИТЕЛНО ОБЈАВЕНИ ШТОМ МИ БИДАТ ПРОСЛЕДЕНИ. ТЕКСТОТ ВОЕДНО ЌЕ БИДЕ ПОТКРЕПЕН СО ЦИТИРАЊЕ НА ЗАКОНСКИ АКТИ. КОНЕЧНАТА ВЕРЗИЈА НА ДОКУМЕНТОТ СЕ ОЧЕКУВА ВО НАЈСКОРО ВРЕМЕ.
Ние граѓаните на Р.М., загрижени и згрозени од инцидентот кој што се случи на 6 јуни 2011 година на градскиот плоштад во Скопје, јавно го изразуваме нашиот револт против полициското насилство, употребата на прекумерна сила и непрофесионалното однесување на припадниците на МВР, особено дел од нивните единици како Единицата за брзо распоредување на МВР - ЕБР, Посебната мобилна единица на МВР “Алфа“ и Единицата за специјални задачи на МВР “Тигар“.
Како граѓани на Р.М. бараме:
1. Целосно расчистување на немилиот инцидент каде крвнички беше претепан до смрт 22-годишниот Мартин Нешкоски од Скопје и превземање на конкретна одговорност од страна на сите припадници на МВР во хиерархиската низа (по основ на командна одговорност). Во таа насока бараме:
а) Фер судска одлука за припадникот на специјалната единица “Тигар“ - И.С., осомничениот за стореното кривичното дело убиство на Мартин Нешкоски.
б) Независна истрага за идентификација на припадниците на МВР кои биле соучесници ноќта кога се случило убиството, кои му помогнале на И.С. истото да се прикрие и не го регистрирале ниту пријавиле случајот на надлежните.
в) Суспензија на министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, со цел спроведување независна истрага.
г) Суспензија на лицето одговорно за односи со јавност на МВР, портпаролот Иво Котевски, со цел спроведување независна истрага поради прикривање на веќе достапни информации и погрешно информирање на јавноста. Сносење на кривична одговорност за соучешништво во прикривање на убиство.
2. Замена на секторот за внатрешна контрола во МВР со независно граѓанско тело.
3. Распуштање на специјалните единици на полицијата како што се “Алфи“, “Тигри“ и други. Формирање на нови професионални единици за тие намени кои ќе ги исполнуваат критериумите подолу:
а) Соодветна стручна подготовка утврдена од независното граѓанско тело.
б) Контрола при вработувањето нови кадри во МВР од страна на независното граѓанско тело кое ќе има контролна функција за проверка на криминалното минато на апликантите. Независното граѓанско тело, воедно, би вршело евалуација на работните истории (CV-a) со сите информации за дисциплински мерки, психолошки профили и слично на сите работници во МВР.
в) Психолошки тестови и други проверки на кадрите.
г) Задолжително доделување на општествено корисна работа на сите полициски работници како дел од секојдневните работни обврски.
д) Задолжителна обука за контрола на гнев за сите полициски работници.
4. Зголемена контрола над Министерството за внатрешни работи од страна на Собранието на Република Македонија преку формирање на посебна собраниска комисија, за чија работа ќе можеме јавно да се информираме преку месечни извештаи или слично.
5. Задолжително присуство на униформиран полициски работник при секој контакт на полицијата со граѓаните.
6. Зголемени казни во Кривичниот законик за прекршочните и кривичните дела што работниците во МВР ќе ги сторат без разлика дали се или не се на служба/на работа.
Сите кои сакаат да се потпишат ќе треба да остават свое име и презиме, матичен број и град на живеење, како и лично да се потпишат.
Петицијата би се доставила до:
- Народен правобранител на Р.М.
- Хелсиншки комитет на човекови права
- МВР
- Собрание на Р.М.
- ОБСЕ/OSCE - Spillover Monitor Mission to Skopje
- Дипломатскот кор, акредитиран во Р.М.
0 comments: (+add yours?)
Post a Comment