Непрофесионалците упорно го рушат угледот на цела полиција и шират страв и чувство на несигурност кај граѓаните во Република Македонија

Хелсиншкиот Комитет за човекови права на Република Македонија во целост го поддржува начинот на изразување на револт и незадоволство и барањата на младите луѓе кои го кренаа гласот против бруталноста и насилството на поединци од државните институции и срамната поддршка и прикривање на злосторството на тие поединци, од страна на највисоките претставници на тие институции.

Со ова се потврдува подолго време присутното јавно мнение за големата партизираност и де-професионализација на виталните државни институции со што се генерира страв, чувство на немоќ и незаштитеност кај сите граѓани во Република Македонија. Незамисливо е во една демократска држава, кандидат за членка на Европската Унија, помошник министерот со своето јавно дезинформирање да стана соучесник во убиство на младо момче а притоа да не се побара негова одговорност.

Никој нема право на ваков груб начин да го руши кредибилитетот на основниот столб кој гарантира безбедност на граѓаните. Во полицијата работат и професионалци кои во оваа ситуација неправедно трпат штета на својот углед и работа. Сите учесници инволвирани во овој чин мора да понесат одговорност и кривично да одговараат за нехуманото и спротивно на законот извршување на службената должност.

Години наназад Хелсиншкиот Комитет за човекови права на Република Македонија, заедно со голем број меѓународни институции и организации бара измени на механизмот за контрола на работењето на Министерството за внатрешни работи. Последното убиство е аларм дека тоа сега и веднаш мора да се реши. Контролата врз институцијата мора во себе да го содржи и граѓанскиот сектор, заради обезбедување на поголема транспарентност и независност на механизмот.

Хелсиншкиот Комитет го повикува Јавниот обвинител итно да спроведе истрага за извршителите и соучесниците на бруталното убиство на младото момче, со целосна транспарентност заради недоумиците и несигурноста која се јавува кај граѓаните на Република Македонија.

0 comments: (+add yours?)

Post a Comment