Протестите по повод убиството на Мартин Нешковски и неговото прикривање од страна на власта, продолжуваат и понатаму. Во рамки на денешните протести, во 12 часот на платото кај спомен домот на Мајка Тереза се одржа концерт, на кој настапија неколку познати македонски бендови, по што започнаа и протестите. На манифестацијата присуствуваа поголем број граѓани на Скопје, но и гости од внатрешноста, како од помладата, така и од постарата генерација. Од познатите личности би го спомнал појавувањето на Жарко Јордановски, новинар (патем и кандидат на партијата „Достоинство“ на неодамнешните избори), потоа Горан Таневски, вокалистот на Мизар, писателот Александар Прокопиев, а учество во протестиве деновиве земаа и пејачката Ана Костовска (вам позната од групата Бастион и од „Бушава азбука“), како и актерот Петар Арсовски. Изјави на поддршка дојдоа дури и од претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов, кому наши претставници претходно му ги врачија нашите барања.
На собирот денес присутен беше и братот на Мартин, со кого имав прилика и да се запознаам. Семејството на Мартин изразува поддршка за протестите и како што веќе претходно имам пишувано, тие ни подарија негова слика, која редовно се носи на протестите на чело на колоната. Концертот заврши со настапот на познатиот скопски хип-хопер Џаканакот, по што насобраните ја започнаа протестната поворка по улиците на градот, со застанување пред Владата, судовите и Собранието. Протестот заврши успешно и покрај отежнувањето, кое ни го направи пеколното сонце.
за цел текст оди кај VBB
0 comments: (+add yours?)
Post a Comment